Македонска пејачка Мими Јовановска која се прослави во шоуто „Ѕвездите на Гранд“ неодамна ја објави нумерата „Мајка“ инспирирана од нејзината лична животна приказна.
Автор на песната е нејзиниот сопруг, музичарот Филип Нунески Нуне, кој дели слична судбина.
И таа и Нуне растеле далеку од своите мајки.
„Јас и брат ми бевме одвоени од родителите, бидејќи живеевме со баба и дедо, додека мајка ми и татко ми беа во странство. Кога ја направив музиката, текстот сам се залепи“, раскажа Филип неодамна.
И Мими на промоцијата откри дека нејзината мајка живее во една подалечна земја и дека животот носи такви времиња од кои ние треба да учиме.
„Се гледаме често колку што ни дава времето, но тоа што сме разделени секогаш е тешко од самата помисла“, вели таа во едно нејзино интервју за „Женски магазин“.
Дамир Имери го потпишува аранжанот на баладата, а видеозаписот е дело на Даниел Јовески.
Песната е снимена со камерен оркестар, свират 23 виолини, а се работеше во две студија. Спотот е снимен во Охрид во куќата на Робевци.
Мими и Нуне пред две години се заколнаа на вечна љубов во скопската црква Свети Димитрија.
Јовановска веќе подолго време е присутна на естрадата. Како вокалистка на бендот „Да Капо“ досега имала бројни настапи ширум нашата земја. Зад себе има неколку авторски песни отпеани на домашни фестивали.
Нунески, пак, е докажан музичар, дел од братското дуо „Нуне брадерс“ кое пред неколку години имаше чест да настапува и со легендарната Есма Реџепова.