fbpx

Баба ме научи за животот: Исповед која длабоко ќе ве допре

Авторката Нада Вељковиќ за српскиот портал Bizlife напиша интересно четиво за тоа како растеле и на кој начин се чувале децата некогаш, а како тоа денес се прави. Го пренесуваме во продолжение, прочитајте го во целост, од него можеме сите да учиме.

Денешните модерни градинки нудат интелигентни начини на поминување на времето со децата кои се, или би требало да се неисцрпен извор на фантазија, идеи и инспирација. Овие институции се повеќе настојуваат да ги отргнат децата од денешната технологија и да им го пренасочат вниманието кон спортските активности и кон природата. Концептот е децата да мислат и да прават, наместо пасивно да гледаат и да слушаат. Сите активности кои се практикуваат во тие градинки и училишта ме потсетуваат на она на кое некогаш ме учеше баба ми. За брат ми, за сестра ми и за мене таа никогаш не беше баба, бидејќи бабите се дефинираат како негувани и тивки постари дами. Мојата беше карпа, строга, бистра и со остар јазик. Вистинска баба!

Не знаеше да чита и да пишува, но знаеше да брои и да смета. Никогаш не можеа да ја излажат кога купуваше во продавница или кога на пазар продаваше свои производи од бавчата. Ме учеше на сѐ. Варевме јајца, а кога месеше леб, ми даваше да го развлекувам тестото, да играм со брашното, и да го копирам она што го прави таа. Тогаш тоа беше само игра, а сега сфаќам дека од мали нозе ме учеше на самостојност.

Ги храневме кокошките, кучињата и мачињата кои ги чуваше. Од мала научив да ги сакам животните. Секогаш бевме во дворот или пешачевме до лозјето. Тогаш веќе сфатив дека природата е важна за човекот. Одеше бавно, нога пред нога, бидејќи не можеше побрзо, но тоа и не беше важно, на крајот од денот па и никаде не се брзавме, најважно беше да се стигне.

Никогаш немав многу играчки, единствена желба ми беше едно дрвено коњче. Сега ми е смешно кога ќе се сетам со која страст фантазиравме дека ќе го направиме тој коњ. Неодамна читав дека е важно детето да не биде „затрупано“ со играчки и со фантазија да додава елементи кои недостигаат, бидејќи баш така ја развива креативноста.

Игравме домино, карти, „Не лути се човече“. Ме учеше да не се лутам кога губам, дека морам да размислам добро за следните потези и дека секогаш може да изиграме уште еднаш ако изгубам. Ме носеше во црква, кога не беше „ин“ да се биде верник. Палевме свеќи и се присетувавме на оние кои се на „небото“.

Знам дека сега на учениците кои растат со технологија често им недостига способност за широко размислување и решавање на проблеми. За тоа сведочат и многу истражувања и извештаи. Затоа, секое дете би требало да има една ваква баба, која умее да забавува и да учи и која, сепак, не може да ја замени ниту една градинка.

Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.

Следни Објави

Фустан кој совршено ѝ стои на секоја жена: Еве зошто!

Фустаните кои со кројот потсетуваат на кошули се апсолутен хит веќе подолго време. Веднаш кога се појавија на пазарот, многу жени почнаа да слават, а постојат повеќе причини за тоа. Освен што се практични и може да се комбинираат речиси со целата гардероба, лесно од спортска варијанта можете да ги […]