„Почитувани пријатели, на моја огромна чест и задоволство, од денес сум именувана за нова генерална секретарка на ЛДП Карпош!“
Со овие зборови на своите следбеници на социјалните мрежи им се обрати Билјана Јаневска.
„Почнав со голем кикс за локалните избори, но ЛДП како прогресивна и транспарентна партија ми даде шанса да се покажам и докажам со напорна работа“, им порача таа.
Јаневска е поранешна манекенка со меѓународни признанија. Има богато модно портфолио, кое вклучува бројни ангажмани на ревии, реклами, насловни страници, а лани беше прогласена за Мис модел туризам во светот. На престижниот избор, Билјана се закити со три титули за убавина.
Таа е дипломиран инженер по менаџмент за еколошки ресурси и магистер по управување со отпад. Веќе две години работи во Јавното претпријатие „Депонија Дрисла“.
Почнала како советник за подготовка и спроведување развојни проекти, а сега работи како референт за техничка документација во Одделението за техничко одржување и безбедност и здравје при работа.
„Сакам да инвестирам во себе, во својот изглед. Сакам да изгледам претставително и доминантно“, изјави Јаневска во едно нејзино интервју.