Познатиот готвач Мајкл Кјарело почина на 61-годишна возраст. Според првичните информации доживеал акутна алергиска реакција и анафилактичен шок.
Главниот готвач и поранешна ѕвезда на „Food Network“ се упокоил во Калифорнија каде што се лекувал минатата недела, соопшти за People неговата компанија Gruppo Chiarello.
„Длабоко жалиме за загубата на нашиот сакан Мајкл. Неговата кулинарска брилијантност, безгранична креативност и непоколеблива посветеност нема никогаш да ги заборавиме. Тој ги зближуваше луѓето низ радоста на заедничките оброци, создавајќи трајни спомени околу трпезата“, се вели во официјалното соопштение на семејството.
„Неговото наследство ќе живее засекогаш преку љубовта што ја донесе во својата работа и страста што ја всади во сите нас, учејќи не’ да уживаме во вкусовите на животот“, велат неговите најблиски.
Семејството ги замоли сите кои ќе дојдат на последното збогување со познатиот готвач да не носат цвеќе, туку да донираат пари за неговата хуманитарна организација.