Цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари се намалува за 5, 16 отсто за прв блок, за втор блок и за евтината тарифа останува иста, за трет блок поскапува за 2,88 а за четврт блок за 1,86 отсто.
Како што истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, тоа го овозможи воведувањето на Надоместот за пристап до мрежа од 200 денари месечно.
Во спротивно ќе имало поскапување за 3,4 отсто во прв блок, за 8,62 во втор, за 9,46 во трет и за 4,92 во четврт блок, додека евтината тарифа ќе се зголемела за 15,42 отсто.
Дополнително, како што рече, овозможиле намалување на мрежарината за речиси 23 отсто.
„Со новиот концепт пристап кон мрежа, се направи фер распределба на трошокот за мрежа меѓу редовните корисници и оние потрошувачи кои повремено ги користат објектите“, рече Бислимоски.
Првиот тарифен блок ги опфаќа домаќинствата што месечно трошат до 210 киловатчасови скапа струја. Во вториот блок се оние што трошат од 210 до 630 киловатчасови. Во третиот блок се оние што трошат од 630 до 1.050 и во четвртиот блок се оние над 1.050 киловатчасови.