Дневната тарифа на евтината струја се враќа од 1 декември, објави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. Таа ќе биде од 13 до 15 часот.
Во наредниот период ќе почне промената на броилата. Бислимоски верува дека тоа ќе може да се направи во наредните пет месеци, иако претходно беше најавено дека ќе биде потребна една година за рачно да се подесат броилата, поради воведувањето на блок тарифите. Но бил постигнат договор процесот да се забрза и граѓаните во зимата да може да користат поевтина струја.
„Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот“, рече Бислимоски.
Ќе има промени во цената на струјата која граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јули до 31 декември годинава. За првите два блока таа ќе биде пониска, а за повисоките два блока ќе се зголеми.
„Вкупната цена во првиот блок се намалува за 7,04 отсто, во вториот блок се намалува за 4,09 отсто, додека во третиот блок цената се зголемува за 2,54 отсто, а во четвртиот блок се зголемува за 2,42 отсто. Цената во евтината тарифа останува иста. Домаќинствата со просечна потрошувачка ќе плаќаат пониска цена за енергија и мрежарина за 4,26%, а од декември со стартот на дневната евтина тарифа ќе следи линеарно намалување за 5% на сметките“, рече Бислимоски.
Овие цени се без пресметан ДДВ, објасни претседателот на РКЕ. „Во апсолутен износ ДДВ-то ќе значи зголемување на цената на струјата е 7,4%“, рече тој. Поради зголеменото ДДВ вкупниот трошок е зголемен за 2,5%.
Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто.
Евтината тарифа беше укината со образложение дека цената на струјата во Македонија била најниска во Европа и освен кај нас, модел на користење на струјата како евтина тарифа немало никаде.