Весна Вучиќ, сопругата на прерано починатиот музичар, автор и водител Драган Вучиќ, во интервју за порталот „Женски магазин“ одлучи да ја раскаже нивната љубовна приказна, но и проговори за семејната трагедија која се случи пред неполни четири години.
Вели дека со здравјето е добро и дека живее со спомените.
„По заминувањето на Дракче, ништо не е исто. Ама, тоа е. Живот.. Не може ништо да се стори, илјадници семејства се завија во црно во тој период.. и моето не беше исклучок, шок.. судбина. Велат од судбината не се бега. Живеам со спомените, живеам за моето чедо, живеам и за себе. Сакам да се радувам со семејството, моите најблиски, сестра ми, со семејството на Драган, девер ми, јатрва ми, нивните деца, другарките, пријателките.. Животот тече, ама, Дракче.. боли!“, раскажува таа за „Женски магазин“.
Весна Вучиќ отсекогаш важела за убава и негувана жена. Речиси целиот професионален век го помина како спикерка во Македонско радио. Таа е ќерка на славниот музичар Пеце Атанасовски.
Весна и Драган имаат едно дете, добропознатиот музичар и пејач Мартин Вучиќ.
Драган Вучиќ засекогаш не’ напушти во мај 2020 година. Неколку дена се бореше за живот на Инфективната клиника во Скопје, откако му беше дијагностициран коронавирус. Позитивна на Ковид-19 беше и Весна која за среќа успеа да закрепне, како што самата изјави, благодарение на донирана крвна плазма од анонимен пациент излекуван од вирусот.
„Сета таа љубов која ме опкружи од луѓе кои дури и лично не го сретнале Драган, мене ми ја стопли душата. Драго ми е што знам дека беше сакан и почитуван. Драго ми што тој беше мој сопруг, татко на нашиот син. Благодарна сум му што ми го даде Мартин“, раскажа Весна по трагедијата за „Фокус“.