Четириесетгодишната Моника Лукровска која работеше како доктор на специјализација загина во тешка сообраќајка која се случи во средата, доцна вечерта на магистралниот пат Скопје – Блаце.
Информацијата за смртта на Моника беше објавена на социјалните мрежи на Геронтолошкиот завод од Скопје, каде Моника била дел од тимот на доктори.
„Доктор Мони. Остави траги и многу спомени зад себе. Денес сите не’ смрзна, сите не’ замолчи во еден миг. Во еден миг застана се’ и само погледи се ширеа со силна воздишка и солза меѓу нас, а без глас. Добриот човек секогаш ќе се памти. Ти беше херој, професионалец, пријател и колега со срце и милост. Секогаш зрачеше со позитивна енергија без разлика на секојдневието. Денес не’ обои во црно. Ќе недостасуваш многу. Почивај во мир“, пишува во објавата.
Скопјанка почина во сообраќајка на на магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце, а има други повредени лица, и повредени малолетници.
– На 20.03.2024 во 21.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Л.(40) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(52) од село Сарај, скопско. Од здобиените повреди на местото починала М.Л., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, соопшти полицијата.
Со тешки телесни повреди се здобиле возачот Р.В. и неговата сопатничка А.И.(25), а со телесни повреди се здобиле сопатничката З.В.(47) и двајца малолетни сопатници, сите од возилото „фолксваген голф“, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.