Не стивнуваат реакциите по скандалозното однесување на македонската евровизиска претставничка во Торино.
Андреа Коевска вчера на отварањето на церемонијата во даден момент го фрли македонското знаме, а со остра реакција реагираа и од националниот сервис. Од МРТ дури најавија и дека се разгледува можноста за нејзино повлекување од Евровизија и најави дека ќе бидат преземени сите законски можности за најстрого санкционирање за овој скандал.
За инцидентот свое видување на социјалните мрежи сподели и познатиот професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“, д-р Гордан Калајџиев. Тој е еден од ретките кој застана во одбрана на младата пејачка.
-Прво, девојката очигледно се збуни и немаше намера да го омаловажи знамето. Второ, тоа сувенир знаменце и не е баш „знаме“ и повеќето го фрлаат по настанот. Трето, добра прилика да се прашаме од кого младите ќе учат како се сака татковината и четврто, сите се јаки патриоти на прсти, а инаку „многу на број, малку за бој!-напиша Калајџиев на „Фејсбук“.
Синоќа преку ВИДЕОПОРАКА Андреа ѝ се извини на јавноста и кажа што мисли за целиот случај.