На неодамна одржаното 27. изданиe на „Златна бубамара на популарноста“, популарното дуо „ДНК“ доби признание за нивниот актуелен рефрен „Посреќна“, инаку повратничка песна на Раде Врчаковски-Врчак.
Тие ја добија наградата за „Песна на годината“.
Како и минатата година, Панчо и Андреј одлучија освоената статуетка да ја стават на лицитација за хуманитарни цели, а синоќа објавија дека успеале да соберат 690.000 денари за лекувањето на Леонид
Статуетката заврши кај Кирче Митрески од Охрид кој ја дал најголемата понуда во износ од 250.000 денари, но и другите понудувачи одлучиле да ги донираат парите за истата цел.
„Премногу сме благодарни, не само на него, туку и на сите вас кои учествувавте во лицитацијата, или ја споделувавте со цел да стигне до што повеќе луѓе. Во исто време, сакаме да ви соопштиме една преубава вест, и воедно да им искажеме огромна благодарност и на господата кои беа дел од лицитацијата: Filip Patrikliski (Eam T-Shirts) кој понуди 150.000 денари и Живко Коцев (90.000 денари), како и компанијата Еклектик Диспеч (200.000 денари), понуди кои иако не беа највисоки сепак решија да ги донираат за Лео“, информираат Панчо и Андреј.
Велат оти се среќни дека Македонија уште еднаш покажала дека е хумана држава и дека има нација со огромно срце.