Мајката на четиримесечното бебе кое беше примено со Ковид-19 на Инфективната клиника во Скопје реагира на условите за лечење на клиниката. Александра Ангелова во својата објава на „Фејсбук“ обвинува дека бебето не примало посебна исхрана како што тврдело Министерството за здравство. Нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост.
Ма какво менаџирање, каков способен здравствен систем, БРАВОО! Не знам ни сами дали си верувате во бајката . Кога и човек како мене со челични нерви успеавте да го изреволтирате. Кого лажете за добра комуникација, доктор и пациент? Да лежиш 15 дена на инфективна клиника и еден доктор да не ти каже резултати, ни зошто примаш терапија и зошто те боцкаат? Кога прашуваш за вода да ти кажат дека се потрошила донацијата, а на телевизија кажувате бебе на посебна исхрана. Каква е таа посебна исхрана??? Три дена да ти велат дека ќе земат брис на бебето а не земаат. Гајле ви е дали има чиста облека или парно за доколку испереш нешто да се исуши? Да ти кажуваат спреми се, си одите, а за 15 минути да дојде друг да ти рече, не си одите? Еден со друг не сте усогласени и зборувате за добро менаџирање. Две недели еден доктор ме преслуша и сега наеднаш здраво бебе ќе чека да си оди, бидејќи на вас сега ви текна да и земете крв на мајката, за која некои од докторите не знаеја ни дали е хоспитализирана. Со чии нерви си играте Вие? Вие штом не можете на крај да излезете со стабилните пациенти, Господ нека им е на помош на критичните. Единствено големо браво за педијатарот, целосно посветена и одговорна. Сечие трпение и сечија истрајност има крај.
П.С. Додека Ве слушав на телевизија и јас верував во вашата БАЈКА!