Се укинуваат државната матура и завршниот испит за оваа учебна година, учениците од основно и средно образование нема да се вратат во училиште до крајот на учебната година, соопшти министерот за образование Арбер Адеми.
Сите матуранти ќе добијат диплома за завршено средно образование, како и во изминатите години.
Одлуката била донесена на денешната владина седница, а целта е, како што рече Адеми, да се елиминира стресот од подготовка на испитот во вонредни услови.
Тековната учебна година ќе продолжи да се организира преку далечинско учење од дома, а уписот на првачињата наместо во мај ќе почне во јуни. Списоците со ученици до 15 јули ќе треба да бидат објавени во училиштата.
Во однос на високото образование, Адеми рече дека на факултетите ќе може да се запишат студенти со диплома за завршено средно образование, лица што положиле државна или меѓународна матура во учебната 2018-2019, како и лица што завршиле средно образование пред воведување на условите за полагање државна матура.