Платежна картичка со сума од 9.000 денари за купување на домашни производи ќе добијат само активните невработени кои секој месец се пријавуваат во Агенција за вработување, информира „Телма“.
Според списокот кој го испратила Агенцијата до генералниот секретаријат до 22 мај има 119.000 вакви лица, додека околу 85.000 други лица кои бараат работа и се пријавуваат на шест месеци, не влегуваат во оваа листа.
Сепак, последниот филтер кој ќе добие картичка ќе го прави УЈП која ќе ги избрише и оние кои имале приход по разни основи кои надминале 15.000 денари месечно.
Картичка со сума од 3.000 денари, пак, ќе добијат вработените со вкупни приходи не само од плата, до максимум 15.000 денари месечно.
На, списокот со помош од 3.000 денари ќе бидат и сите редовни средношколци и студенти од 16 до 29 години, но само од државните училишта и универзитети.
За овие мерки, министерството за финансии треба да издвои вкупно 25 милиони евра. Генералниот секретар Драги Рашковски, за „Телма“ вели дека до крајот на денешниот ден ќе ги имаат сите списоци. Недостасува уште бројот на медицински лица вклучени во борбата со Ковид 19 кои на овие платежни картички треба да добијат вкупно 40 проценти од последната нето плата, и да ги трошат за купување на домашни производи.
Граѓаните картичките од банките ќе ги добијат на почетокот на јули, а ќе треба да ги потрошат парите на купување на домашни производи и услуги, до крајот на месецот.