Еден месец пред почетокот на новата учебна година, надлежните од Министерството за образование и наука и претставниците од Комисијата за заразни болести кројат планови како да продолжи наставата од септември.
Се бара најбезбедниот модел, а некои од предлозите веќе наидоа на жестоки критики, па дури и на потсмев.
Засега е познато дека унифицирани правила нема да има и дека наставата со физичко присуство ќе се одвива на различен начин во различни училишта. Предложени се неколку опции, меѓу кои и комбиниран начин на настава – и традиционална и онлајн.
Со новите правила можно е да нема големи одмори за да се избегнат групирања на учениците. Се разгледува и опцијата оброците наместо во менза, да се консумираат во училница, а ограничено да биде и одењето во тоалет.
Во меѓувреме, заменик-министерката за образование, Елизабета Наумовска, најави дека наставата од септември ќе се одвива со маски и редовна дезинфекција на рацете и со часови кои ќе траат по 20 минути. Ако една паралелка има поголем број ученици, тогаш ќе биде поделена во две групи, а наставата ќе ја држи истата наставничка.
Наумовска потенцира дека ова е еден од начините на кој ќе се реализира учебната година од септември, а другиот модел е комбинираната настава.
Конечната одлука за протоколот по кој ќе работат училиштата е најавено дека ќе биде донесена околу 10-ти август.