Дали дел од пациентите на скопска Онкологија воопшто ја примиле неопходната терапија, која барем на некој начин ќе им помогне и е последна надеж за спас од подмолната болест, праша новинарката на„Фокус“, Ирена Мулачка.
Таа пишува: Факт е дека позадината се парите, но пациенти умирале за некој да запечали, затоа што наместо скапиот лек да биде даден на нив бил продаван, а тие примале сосема други терапии, меѓу кои и обичен физиолошки раствор. Е, тоа е најморбидното и болното.
Овој шокантен податок беше поводот на оваа исклучително осетлива тема на социјалните мрежи да се огласи и познатиот писател, сценарист и инфлуенсер Божидар Божиновски.
Уште го помнам гневот и омразата кои ги имав на 10-11 години кога ми почина баба, сестра на баба ми. Од рак, што во Битола и не е така несекојдневно за жал. На нејзини 68 години докторот реши да не и ја извади матката, но гневот не ми беше кон него.
Кога некој ти е болен не гледаш јасно, би направил сѐ за да е подобро, за да помине па и да веруваш во чуда. 90-тите немаше интернет, со отворањето кон светот се намножија разни чуда па и некој кинески лек за ракот. Ко денес го памтам ликот кој го носеше, еден од Скопје. Дојде Битола, рече можело да помогне. Терапијата беше околу 2000 марки, а шо е то за лек. Ги пиеше лековите и ѝ беше полошо. По некое време, околу Василица и почина. Може и немаше спас. Којзнае, тогаш само сакав да пораснам и да ја осветам. После некое време го имаше на вести, некој имал поголема желба за освета од мене.
Не ни можам да замислам како им е на семејствата кои изгубиле некој близок кој наместо со лек бил третиран со физиолошки раствор. Чија надеж била така изиграна, сите тие моменти на агонија кои ги поминале.
Македонија е мала и затвор им е најдобра опција.