На 63-годишна возраст почина познатиот актер Жарко Лаушевиќ. Веста за неговата смрт ја потврди и сопругата Анита.
„Ја информираме јавноста дека денеска 15 ноември 2023 година, по кратко и тешко боледување почина нашиот сопруг и татко Жарко Лаушевиќ“, потврди Анита Лаушевиќ за информативната агенцијата „Танјуг“.
За датумот и местото на погребот јавноста ќе биде навремено информирана, се наведува во краткото соопштение.
Жарко Лаушевиќ е роден на 19 јануари 1960 година во Цетиње, а дипломира глума на Факултетот за драмски уметности во Белград. Беше член на Југословенскиот драмски театар. Своето филмско деби го имаше во 1982 година, со улога во филмот „Прогон“. Истата година одигра значајни улоги во филмовите „Савамала“ и „Директан пренос“. Многу брзо добива една од главните улоги во ТВ-серијата „Сиви дом“ (1984), која му донесе голема популарност.
Жарко Лаушевиќ живееше како на филм. Еден трагичен настан во 1993 година засекогаш му го промени животот. Лаушевиќ и неговиот брат Бранимир беа нападнати од група хулигани во близина на еден бар во Подгорица. Таа ноќ Жарко ги уби напаѓачите со пиштол и тешко рани еден млад човек, додека тој се приближуваше да им се придружи на напаѓачите. Беше осуден на 13 години затвор за двојно убиство. Казната ја издржа во Спуш и Пожаревац.
По укинувањето на пресудата од Сојузниот суд, по повторното судење во февруари 1998 година, тој беше осуден на 4 години затвор за двојно убиство од самоодбрана. Бидејќи во тоа време тој веќе имаше издржано 4-5 години затвор, беше ослободен. Набргу потоа ја напушти земјата и се пресели во САД, плашејќи се од крвна одмазда.
Трагедијата која животот му го претвори во пекол ја раскажа во неговата книга Godina prođe, dan nikad.
„Таа вечер решивме пред да отидеме да спиеме во станот на сестра ми, да јадеме нешто и да пиеме пиво. Застанавме во кафуле каде што, кога порачавме јадење, ја прашав келнерката-Каква е оваа бучава овде? Се слушна врева. Младиот човек кој седеше до ѕидот од кафулето праша-Што е момче? Реков-Ништо, сè е во ред.
Овој вид дијалог се повтори по втор, а потоа и трет пат. Не направив ништо што може да предизвика расправија. Се приближи друго момче и ме удрија. Ме туркаа, ме влечеа.. За момент изгубив свест. Сè, проценувам, се случи за максимум половина минута. Се сеќавам само на делови од настанот, бидејќи сè беше измешано во мојата глава. Но, нападот не запре. Почувствував дека чантата што ја носев секогаш преку рамото во последно време и во која имаше пиштол, ми ја тегнат. Успеав да го извлечам оружјето, да го репетирам, но нападот не запираше. Пукав не знам колку пати. Имав ужасно чувство на страв. Потоа гледам дека брат ми лежи на два метра од мене и над него тоа другото момче со нешто го удира во главата. Имав впечаток дека тој му го одзема животот и пукав без размислување“.