Кога пред цели три децении на локалното пазарче купила прстен за смешни десет фунти, Дебра Годард по неколку дена го ставила во кутијата за накит и скроз заборавила на него.
Оваа Британка која денес има 58 години, на прстенот повторно се сетила откако нејзината мајка неодамна наседнала на измама поради која останала без скршен денар.
Барем малку да ѝ ја ублажи болката, Дебра одлучила да продаде неколку стари работи, меѓу кои и споменатиот прстен. Надевајќи се дека цената барем малку му пораснала, го однела во најблиската златара.
„Малку фалеше сопственикот на дуќанот да се онесвести“, раскажува таа за „Сан“.
Ме праша: „Знаеш ли што е ова? Тоа е дијамант! И тоа совршен!“.
Видно возбудена од проценката, Дебра не заспала таа ноќ размислувајќи што да направи. На крај, одлучила да го понуди на продажба преку познатата аукциска куќа „Сотби“ каде неговата вредност била проценета на неверојатни 844 илјади евра.
Мајка си ја почастила со патување на Барбадос, ја однела на концерт на Том Џонс и на Селин Дион во Лас Вегас, а ѝ купила и бунда.
„Ова е карма за сите лоши работи што ни се случија во животот“, вели оваа Британка нагласувајќи дека всуност имала претчувство за оваа добивка.
Ноќта пред да го однесе прстенот на златар, сонувала дека продала накит од стакло за 750 фунти.