Пратеничката од редовите на СДСМ, Кети Смилеска, е позитивна на коронавирус, информираат од Министерството за здравство. Смилеска се тестирала бидејќи, како што вели, ги имала сите симптоми како што се покачена температура, малаксаност и кашлица.
Сепак, таа не знае од каде се заразила и тврди дека ги почитувала препораките и седела дома.
– Не знам како сум инфицирана, цел месец не бев излезена од дома. Комуницирав само со најтесното семејство, а тие засега, немаат симптоми. Земен им е брис и чекаме резултати за нив. Јас по 15 февруари допатував во Прилеп, а од 10 март не сум излезена од дома. Сопругот одеше на работа, но како што кажав, нема никакви симптоми. Јас ги осетив сите симптоми кои ги посочуваат здравствените работници. Имав болки во мускули, грло, осип, а потоа, последната фаза беше тешкото дишење. Благодарност до целиот медицински кадар во прилепската болница – изјави Смилеска за „А1он“.