Од утре кај нас ќе започне лекувањето со крвна плазма на заболени со Ковид-19. Во болницата „8 Септември“ ќе започне лекување на овие болни со озонотерапија, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во утринската програма на „Сител“.
– Дури и со овие два начини на лекување и со крвната плазма која што почнува практично од утре, за првпат ќе се земе таа плазма од еден пациент којшто е утврдено дека е во фаза во која што има антитела што можат да се дадат на пациент и озонотерапијата со оној апарат којшто го има кај нас ќе почне во болницата „8 Септември“. Има соодветни индикации, не може кај било кого да се аплицира – појасни тој.
Филипче посочи дека, сепак, точната терапија за лекување на болните од овој вирус во светски рамки допрва ќе се утврдува и дека ние како земја сме дел од студијата со повеќе земји во светот во која ќе се утврдуваат еден од четирите начини со коишто оваа болест ќе се лекува со соодветна терапија и со соодветен пристап.