Врз основа на 96 отсто преброени гласови, Државната изборна комисија проектира 45 мандати за СДСМ, 44 за ВМРО, 16 за ДУИ и 12 коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива. Според досега обработените податоци се проектираат два мандати за Левица, а еден мандат освојува ДПА.
Со ваков резултат актуелните коалициски партнери СДСМ и ДУИ сами би имале доволно пратенички мандати за формирање на парламентарно мнозинство од 61 пратеник.
Практично, друга комбинација за СДСМ е невозможна, со оглед дека СДСМ и ААА заедно би имале 57 пратеници, што е недоволно за мнозинство дури и доколку кон него се приклучат трите пратеници на ДПА и Левица.
Теоретски, и ВМРО-ДПМНЕ би можел да формира мнозинство, доколку постигне договор со ДУИ и плус уште еден партнер – Левица или ДПА.
Сепак, дефинитивна распределба на мандатите ќе се направи откако ќе се обработат останатите 4 отсто од избирачките места, пишува „Фокус“.
Фото: МИА