Убиени и закопани биле 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче, потврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Првото лице е пронајдено во околината на Скопје, а другото во околината на Велес.
Она што македонската јавност најмногу ја згрози, а тоа е инволвираноста на таткото на Вања во грозоморното дело, се потврди како точно, според првичните сознанија.
„Според првичните сознанија, едно од лицата, во договор и со знаење на член на семејството, го организирал извршувањето на кривичното дело, со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката од кое што понатаму сите инволвирани би имале материјална корист“, изјави Спасовски.
На денешниот прес рече дека таткото на Вања оддал информации кога таа излегува за во училиште, по што киднаперите ја грабнале уште во влезот од зградата во која живеела.
Тој рече дека убиениот Панче немал никаква врска со малолетничката, но имал нерасчистени одоси со еден од осмничените.
„Неговото возило цитроен е земено и употребено при извршување на кривичното дело за потоа да биде пронајдено опожарено. Со ова возило е земена малолетничката од влезот на зградата, на живеалиштето откако претходно, таткото споделил информација со организаторот за денот и времето на нејзиното излегување сама од дома. Главниот организатор и извршител со пиштол на 27.11 според досегашните утврдени докази, некаде околу 10 часот ја усмртил малолетничката. Можам да ветам дека ќе сторам сѐ ова лице или ако сакате подобро, овој монструм на кој му ја следиме трагата, час поскоро штом стапне на наше тло да биде изведен пред лицето на правдата“, порача Спасовски.