Последна вест за грозоморните убиства
Минатата година многумина дефинитивно најмногу ќе ја паметат по свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
Институтот за судска медицина на крајот од 2024 година се огради од написите во одредени медиуми кои се повикуваат на свои извори од оваа институција за начинот на кој била убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска.
„Категорично тврдиме дека овој медиум не добил никаква изјава, ниту информација во усна или писмена форма од Институтот. Само изјава дадена од одговорното лице на Институтот, која е во вид на аудио или видеоснимка или во писмена форма, може да се смета за релевантна и точна и тогаш медиумите може да цитираат дека изворот на информацијата е од Институтот. Додека трае истрагата Институтот за судска медицина се оградува од сите написи во кои ќе бидат објавени неофицијални информации, а каде како извор на информацијата стои Институтот за судска медицина“, истакнаа од Институтот.
Сега, поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев најави дека веднаш по формирањето на техничката влада, во рамките на МВР ќе се спроведе интерна ревизија на преземените дејствија во врска со истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и ќе се поднесат соодветни дисциплински постапки ако се утврди дека се направиле клучни пропусти во истрагата.
„Веднаш по формирањето на техничката влада, во рамките на МВР ќе се спроведе интерна ревизија на преземените дејствија и во двата кривично правни случаи. Врз основа на тоа што ќе биде утврдено во рамки на внатрешната ревизија, против сите оние кои направиле клучни пропусти во истрагата со несовесно, непрофесионално и нестручно постапување, ќе се покренат соодветни дисциплински постапки, а истовремено и ќе се информира и ОЈО за ГОКК за новите информации и елементи од истрагата. Доколку има елементи ќе се поднесат и соодветни кривични пријави до ОЈО за ГОКК. Воедно, за сите нови моменти од истрагата транспарентно ќе се информира македонската јавност. Истовремено, ќе се направат максимални обиди со цел што е можно побрзо изведување на главниот осомничен пред лицето на правдата. Убиствата на малолетничката Вања и Панче се само врв на сантата мраз кога е во прашање нестручно и непрофесионално постапување на МВР под раководство на Оливер Спасовски. Нашите сознанија зборуваат дека истрагата можела многу поквалитетно и поефикасно да се спроведе, а доколку не се направени сериозни професионални и стручни пропусти и се преземени должни дејствија кои согласно полициските и криминалистичките процедури требало да се преземат, сигурно можело и да се превенира киднапирањето и последователното убиство на Вања. И тоа пред сѐ, е резултат на лошите кадровски и менаџерски политики на раководството на МВР“, вели Чулев во интервју за порталот Курир.мк.