Автентичен е разговорот кој е објавен во јавност, а гласот е на Александар Ѓорчевски, татко на киднапираната и убиена Вања Ѓорчевска, потврдува Владимир Туфегџиќ, адвокат на обвинетиот за „Скопје1“.
Прашан кога се водел разговорот, кој го снимил, каде се водел – Туфегџиќ кажа дека ќе се воздржи од коментари.
Адвокатот најави дека ќе бара прием во скопското Јавно обвинителство веќе во вторник, кога е првиот работен ден на институцијата.
Инаку, српскиот политичар Срѓан Ного кој на социјалната мрежа „Икс“ објави нови фотографии во врска со двојното убиство на Вања и Панче, вчера на „Јутјуб“ сподели кратко видео во кое тврди дека таткото на 14-годишната Вања ги открил виновниците и го решил случајот.
„Снимките докажуваат дека тој лично, а не полицијата, го открил, поврзал и разрешил случајот со исчезнувањето на Панче Жежовски и неговата ќерка, па ги предал доказите за што е неправедно осомничен, уапсен, и медиумски сатанзиран. Ќе објавиме и многу други информации скриени од јавноста“, пишува Ного кој за денес најави досега невидени информации и видеа на неговиот јутјуб-канал.