Денеска во околината на Скопје е пронајдено безживотното тело на малолетната В.Ѓ., која беше пријавена за исчезната на 27.11.2023, а во околината на Велес е пронајдено и телото на П.Ж.(74) од Велес, кој на 24.11.2023 беше пријавен за исчезнат, соопшти Обвинителството.
Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.
Во соопштението е наведено дека претходно, во врска со кривичните дела беше пронајдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења се обезбедени материјални докази за инволвираност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“. Исто така, од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот.
Наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина, информираме дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.