Гаврил Бубевски, шефот на скопското Обвинителство, денеска изјави дека материјалните докази во истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски одат во насока на тоа што тројцата соизвршители го зборувале во исказите пред полицијата и Обвинителството.
Доказите со кои располага обвинителството го потврдувале она што го кажале осомничените.
„Во однос на фактите што произлегуваат од целокупниот доказен материјал конечно ќе се произнесеме со обвинение. Истрагата во однос на дејствијата е на тоа ниво на кое што ви кажав и минатиот пат. Се испитуваат материјалните докази и тие зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа и осомничените“, вели Бубевски.
Во меѓувреме тече постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо, главниот осомничен за убиствата, по одлуката на турските власти да му определат 40 дневен екстрадициски притвор.
Според претседателот Стево Пендаровски не би требало да има одолговлекување од турска страна и најави дека ќе ургира кај неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган да се забрза екстрадицијата на Палевски.
За двојното убиство официјална истрага се води за шест лица. Петтемина кои се уапсени се сместени во изолирани ќелии во затворот во Шутка каде денеска ги посети тим од канцеларијата на Народниот правобранител.