fbpx

Конечно статус на место за починатото дете по напад од куче: Се огласи Мери со важна порака

Никогаш не сакам да брзам со заклучоци и веднаш да повикувам на линч и да вперувам прст кон виновник без да ги имам аргументите.

Се случи нешто што досега не паметиме, случај кој можам да го наречам преседан, претрагичен настан во кој е нормално да се бара одговорност. Да почине дете од напад од куче е траорно, дури незамисливо. И тоа никој не може да го негира.

Ако човек плива во море, во зона каде што пишува „забрането пливање“ и е нападнат од ајкула, ќе речеме дека е несреќен случај. Претрагичен, но несреќен. Затоа што „приватен имот“ на ајкулата е морето.

„Приватен имот“ на кучето што е? Дворот, куќата, станот, сето она што е приватен имот на сопственикот. Што треба сопственикот да направи? Да стави знак дека на тој приватен имот има кучиња, да го огради дворот, надвор од приватниот имот да ги шета кучињата врзани, редовно да ги носи на прегледи, да ги вакцинира и чипира. Дали ова било направено? Да. Зошто ја чувал баш таа раса? Негова одлука. Дали е забранета таа раса (или било која друга во земјава)? Не е.

И тука следува проблемот, каде сега да го истуриме бесот, нели? Оти сите чувствуваме бес.

Врз кучето? Не е доволно. Но јас лично, вината не можам да ја лоцирам во сопственикот. Можам да истурам бес врз сопственици што ги шетаат кучињата пуштени, надвор од својот имот, врз сопственици што ги борат своите кучиња, врз сопственици што не чистат измет зад себе, врз сопственици кои ги напуштаат, па имаме шарпланинци, кангали и питови по улици, врз газди што ги оставаат слободно да се парат. Но, да чуваш булмастиф во двор со бетонска ограда не е кривично дело.

Зошто кучето нападнало, најверојатно никогаш нема да дознаеме, дури ни ветеринарите не знаат да објаснат. Детето има растено со тоа куче, кое за 12 години никогаш не покажало излив на агресија. Затоа и детенцето најверојатно се чувствувало слободно покрај него.

Сега за работите што ги знам со сигурност. Две семејства се уништени во моментов. Комплетно. Газдата веќе ја издржува својата казна, без разлика дали ќе се „масакрира“ на социјалните мрежи. Правилото „агресивно куче е последица на лош газда“ е апсолутно неточно. Сопственик (не зборувам за овој случај) може само дополнително да поттикне веќе постоечка агресија. Неточно е и дека не постојат раси склони кон агресија – затоа си постојат прецизни бројки и статистики. Меѓу нив е и чивавата, на пример, но угриз од чивава не е ист со угриз од поголеми раси кучиња.

После овој настан, јас никогаш веќе нема никому да кажам „да да, слободно погалете ја Љиљана, кротка е“. Очигледно не можам да знам, немам како да знам, а никогаш нема да си простам макар и да гребне детенце.

Ние сме општество во кое имаме минимум, па дури и под минимум закони, стандарди, институции и казни во однос на чување миленици. Се е оставено на совеста на газдите, а нам совеста не ни е баш јака страна. И токму затоа, мене целиот бес деновиве ми е насочен кон кучињата со неодговорни газди, оти ако ова можеше да му се случи на овој сопственик, замислете што може да се случи како последица на оние што исфрлаат цели легла по улици, на оние кои велат „тоа само си шета, ќе се врати“, на оние без заградени дворови и на оние кои ги пуштаат да се „испразнат“ врз уличните.

Фејсбук-статус на Мери Јордановска, новинарка

Објавите во рубриката „Мислења“ се без новинарска интервенција и се независни од уредувачката политика на „Мастило.мк“

Следни Објави

Тешката болест брзо го совлада: Почина Горан, споделена емотивна посвета

Последен поздрав Поранешниот македонски пратеник Влатко Ѓорчев сподели тажна вест на социјалните мрежи. Тој со емотивна посвета се прости од Горан Сарагилов. „Бог да го прости! Нашиот Кби беше 16 години претседтел на МК Болнички дол-ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес. Донесе безброј победи. Добар човек, патриот, активист.. Доаѓаше на секој митинг. […]