Познатиот ирански филмски режисер Дариуш Мехрјуи и неговата сопруга биле избодени до смрт од непознати напаѓачи во куќата во која живееле, јавија денеска државните медиуми.
Официјалната новинска агенција ИРНА го цитираше официјалниот претставник на иранското правосудство Хосеин Фазели кој изјавил дека Мехрјуи и неговата сопруга Вахидех Мохамадифар биле пронајдени мртви со убодни рани во вратот, пренесува АП.
Фазели открил дека нивната ќерка, Мона Мехрјуи, ги пронашла телата кога отишла да го посети нејзиниот татко кој живеел во куќа во предградие на Техеран, околу 30 километри западно од центарот на градот, во саботата навечер.
Истрагата е во тек, но засега нема претпоставки за мотивите на двојното убиство, иако сопругата на Дариуш Мехрјуи последните недели се жалела на закани со нож на социјалните мрежи.
Мехрјуи (83) беше познат како ко-основач на новиот бран на иранската кинематографија во раните 1970-ти, следејќи ја насоката на реализмот.
Добитник е на многу награди, вклучувајќи го Сребрениот Хуго на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго во 1998 година и Златната школка на Меѓународниот филмски фестивал во Сан Себастијан во 1993 година.