Згасна животот на уште еден медиумски работник. Колегата Драган Ристов почина од компликации на Ковид-19. Зад себе остави сопруга и две деца.
„Мирно небо“, напиша актерката Јелена Јованова за својот сограѓанин.
Негови роднини и пријатели се’ уште се во шок по трагедијата.
„Има многу убави и големи работи по кои ќе се памети твоето име. На последната средба добив твое уметничко дело. Патувај во мир“ е еден од поемотивните статуси споделени на „Фејсбук“.
Ристов кој последниот период беше вработен во секторот за односи со јавност во Општина Штип, за себе велеше дека е самоук уметник и аматер, иако речиси три и пол децении твореше и тоа само со молив. Тој комплетно му се посвети на хиперреализмот, уметнички правец кој многу наликува на фотографирање со висока резолуција.
Неговите портрети и актови двапати биле изложувани, еднаш на домашен терен, а еднаш во Париз со поддршка од Министерството за култура.
„Во мојата кујна врие“, објави неодамна Ристов, алудирајќи на новата изложба која со голема радост ја подготвуваше.
* Текстот не смее да биде превземан без дозвола на редакцијата на МАСТИЛО.