По кратко боледување, утрово во Скопје на 63-годишна возраст почина долгогодишната новинарка Гордана Стошиќ, објави Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Информацијата за нејзината смрт ги затекна нејзините поранешни колеги кои со емотивни зборови се простуваат од неа на социјалните мрежи. Меѓу нив и познатата новинарка и колумнистка Биљана Секуловска.
„Драгата Гордана Стошиќ починала. Нека ѝ е вечна слава. Ја памтам по убавите, амбициозни проекти во А1, по тоа што беше многу, многу забавна и харизматична нашата Гоца. Нека почива во мир“, напиша таа на „Фејсбук“.
Во почетокот на деведесеттите Стошиќ беше дел од тимот на популарната дебатна емисија на МРТВ, „Без наслов но со повод“, од каде премина во А1.
Во својата богата новинарска кариера Стошиќ беше генерален директор на Македонската радио-телевизија (МРТВ) во периодот од 2002 до 2006 година како и уредник на информативната програма во првите години кога се основаше А1 телевизија.
Стошиќ во уредничката кариера остави печат со обуката на млади новинари. Во својот работен век Стошиќ раководеше и низа други медиумски проекти, а беше активна и во граѓанскиот сектор.