„Добро сум, благодарам. Јас сум, сепак, човек што не е во цутот на младоста. Во животот веќе немам време за разочарување и тагување. Сфатив дека работата ми е единствената терапија“, вели Игор Џамбазов запрашан како го преживува разидувањето со нашата врвна алпинистка Илина Арсова.
Легендарниот актер и шоумен во интервју за „Репортер“ зборува смртта на татка си и за спомените со него, за петгодишната апстиненција од алкохол, но и за загубата на неговите најдобри пријатели Пиже и Зеко. Токму на оваа тема откри тажна вистина за која досега молчеше.
Вели дека смртта на Пиже била толку голем шок за него, особено затоа што се случила само три месеци по смртта на татко му, маестро Александар Џамбазов.
„Загубив човек со кого одлично се познававме. Знаевме сè еден за друг. Затоа и лесно комунициравме. Сега првпат ќе го кажам ова: Пиже почина на 17 мај. Нашиот трет член на легендарниот „Хавана бенд“, популарниот газда Зеко, почина исто на 17 мај пред неколку години. Најдобрите другари го напуштија овој свет на ист датум? Неверојатно. И, затоа, од овој 17 мај секоја година ќе се собираме на разни места и ќе го оживуваме споменот за нив двајца“, раскажува Џамбазов за „Репортер“.